Дали јавното признание на премиерот Зоран Заев дека за набавка на вакцините против корона вирусот разговарал и со луѓе од британската безбедносна служба МИ 6 претставува уште еден удар врз безбедносниот кредибилитет на државата и го доведува ли во прашање добивањето на својот НАТО безбедносен сертификат?, прашува во својата анализа „Пресинг ТВ“

Ова се двете клучни прашања, што се наметнуваат по последниот настап на премиерот во вестите на Сител телевизија.

А, сето ова се случува во моменти кога избија неколку скандали околу не добивањето агремани на нашите планирани воени претставници во НАТО алијансата и неколку други лица од безбедносните структури на државата.

Контактите на премиерот имаат двојно значење. Прво, дека набавката на вакцини претставува, меѓу другото, и разузнавачка дејност на светско ниво, и второ, дека воопшто има контакти со личности од британската служба.

Во конкретниот случај не е спорно тоа што премиерот разговарал со тие луѓе, туку тоа што јавно ги обелоденил контактите, како и темата и дел од содржината од разговорот.

-Самата изјава дека како премиер контактирал со разузнавачка служба е во најмала рака контроверзно, затоа што според безбедносните процедури таквите контакти мора однапред добро да бидат осмислени, а и задолжително да се направи белешка за таквите контакти. Ова е значајно затоа што едно од прашањето на безбедносниот прашалник за добивање безбедносен сертификат е дали сте имале контакти со странски разузнавачи и разузнавачки служби, и доколку сте имале мора да го одговорите ова прашање и да наведете кога и зошто, и што се разговарало. Впрочем, затоа е потребно и да се направи белешка од таквата средба, вели универзитетскиот профеоср Александар Нацев за Пресинг ТВ.

Нацев подвлекува дека според нашите законски уредби, на премиерот по функција му следи највисокиот степен на национален безбедносен сертификат, а тоа е „Државна Тајна“, и воопшто не се прави безбедносна проверка.

-Е сега, кога е во прашање НАТО безбедносен сертификат, работите се комплицираат малку, бидејќи со тој сертификат добивате пристап до тајните на сојузниците и на Алијансата како организација. Ваквите јавни неумесни изјави, па дури и до некој степен загрозување на оперативната безбедност на одредени лица, кои работат во тајна служба од рангот на МИ6, секако дека придонесуваат до намалувањето на безбедносниот кредибилитет на државата во целина, и говорат за непочитување на безбедносните процедури и регулативи, и што е уште пострашно, тоа непочитување доаѓа од самиот државен врв, кој би требало да е најсензибилизиран во поглед на безбедноста, потенцира проф. Нацев.

Ова не е прв пат премиерот Заев да го нарушува и својот и безбедносниот кредибилитет на државата. Во јавноста останаа запаметени неговите телефонски разговори со лажната Грета Тунберг и руските пранкери, кои му се претставија како бившиот украински претседател Петро Порошенко.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.