Изградбата на голем станбен комплекс во контроверзниот Блок 57 А во Тетово и понатаму ја бранува јавноста, а сè повеќе реагираат и граѓаните на Тетово, невладините организации, опозициските партии, пишува „СДК.мк“. На овој простор на влезот во Тетово, на кој во еден дел се наоѓаше фабриката ШИК “Јелак“ која отиде во стечај, се предвидува да се изградат 230.000 метри квадрати станбена површина или околу 2.000 нови станови, кои според проценки би биле бизнис вреден 20 милиони евра.
Усвојувањето на деталниот урбанистички план (ДУП) за Блок 57 А пред Советниците на Советот на Општина Тетово се најде за првпат на седницата од 28 мај оваа година, сред кризата со Ковид-19. Тогаш имаше забелешка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ дека не е време за носење на одлуки од областа на урбанизмот.
Таа 31. седница на Советот на двапати беше прекинувана и дури на продолжетокот, кој се одржа на 31 август, ДУП-от за Блок 57 А беше усвоен без дискусија, со 18 гласови „за“ еден „против“ и 6 „воздржани“.
За претседавачот на Советот на Општина Тетово нема ништо спорно во донесувањето на одлуката.
За тоа имаше одлука на Владата и одлука на Министерството. Сè е документирано како што треба. Ако има нешто треба одговор да дадат другите надлежни луѓе. Ние како Совет се занимаваме дали е запазена процедурата – вели претседател на Советот Беким Мемети.
Против изградбата на ваков огромен стамбен комплекс гласот го дигнаа и тетовските екологисти, кои побараа истрага на овој случај поради можната корупција како и итно замрзнување на сите понатамошни постапки во урбанизацијата на урбанистичкиот Блок 57А.
Општина Тетово на нетранспарентен начин носи контроверзни одлуки за промена на правецот на градот со нови урбанистички планови, каде во отсуство на информации се шпекулира за бројка од околу 8.000 жители. Во ситуација кога градот нема вода за пиење, водоводна мрежа, канализација, паркиралишта, колективни гаражи, булевари, обиколници, проценуваме дека градот Тетово е многу далеку од инфраструктурниот капацитет за изградба на станбени и трговски комплекси во внатрешноста на градот. Неприфатливо е да се изградат нови 30 станбени згради на влезот на градот, во хаотичен град од сите аспекти, без основни услови, каде што очигледно недостасуваат паркови и рекреативни простори – велат од еколошкото движење „Еко герила“.
Повеќе на „Сакам да кажам“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.