Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се обрати на пленарната сесија на Самитот за демократија кој се одржува виртуелно во организација на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден.
На дводневниот самит ќе учествуваат шефови на држави и влади, владини претставници, претставници на меѓународни и граѓански организации, како и од приватниот сектор, но Русија и Кина не се поканети на самитот.
Од шесте држави на Западен Балкан на виртуелната средба не е поканета само Босна и Херцеговина. Меѓу учесниците има претставници на САД, Словачка, Молдавија, Романија, Гана, Нов Зеланд, Шведска, Литванија и Латвија. Предвидено е учество на лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановска.
Како што претходно најави американскиот Стејт департмент, учесниците на самитот, вклучувајќи ги и претставниците на граѓанското општество и приватниот сектор, ќе работат на агендата за обновување на демократијата во светот и ќе разговараат за начините за справување со најголемите закани за демократијата.
Целите на Самитот се поттикнување на заложбите и иницијативите за јакнење на демократијата и одбрана од авторитаризам, борба против корупцијата и промовирање на почитувањето на човековите права, како и претставување на предизвиците со кои се соочува демократијата на глобално ниво и во земјите-учеснички, вклучително и во Соединетите Американски Држави.
Обраќањето на претседателот Пендаровски може да се проследи на следниот линк: www.state.gov/summitfordemocracy
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.