Со одлука на Владата, од денеска дел од групите кои целосно беа ослободени од работа поради состојбата со корона вирусот, се враќаат на своите работни места.

Меѓу нив се родителите чии деца се до шестгодишна возраст. Од Владата образложија дека користењето на мерката престанува поради тоа што детските градинки почнаа со активности за згрижување и воспитание на деца од 9 септември.

Родителите чии деца од шест до 10-годишна возраст се вклучени во воспитно-образовниот процес во училиште, почнувајќи од денеска се враќаат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи.

Мерката престана да важи и за мајките кои беа ослободени од работа врз основа на користење продолжено породилно отсуство.

За хронично болните, Владата пред две недели одлучи дека не се враќаат оние за кои лекар специјалист ќе процени дека треба да останат дома.

Хронично болните пациенти имаа рок до денеска да посетат специјалист за што беа пуштени дополнителни термини во „Мој термин“ и е-амбуланта. По потреба рокот ќе биде пролонгиран.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.