Кога одговорам на прашањето дали успеавме овие 28 години, и кога велам дека сме на работ да не успееме, мислам и на егзодусот кој се случува во Македонија. Македонија ја има се помалку и затоа што десетици, стотици, илјадници семејства ја напуштаат нашата земја и се отселуваат. Имаме цели градови кои се иселени и празни. Вчера ја прочитав веста дека само во Делчево за еден ден го напуштиле 1000 луѓе, кои отишле на сезонска работа во странство. Ова е егзодус на Македонија. Да го прашам Заев зошто не отиде до Делчево, па да остави илјада пара чевли пред општината зошто само за еден ден стотици семејства си заминаа од нашата земја? Што направи за овие три години за да задржи барем еден човек во земјава, ако не повеќе?, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на свечениот настан што го организира ВМРО-ДПМНЕ по повод 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

Тој додаде дека стотици огништа ќе има помалку затоа што овие луѓе немаат ниту една причина повеќе да седат во нашата земја. Поразително и болно. Но тоа е болната реалност, каде нема ниту еден сегмент каде блескаме.

Таквиот егзодус не само што замира градови, пополека ја замира Македонија. Тоа се одразува и на економијата, на стопанството, производноста. Трајно се губи земјата и се одзема иднината. Луѓето се иселуваат затоа што како што вели народот им се збогтиса од разно-разни Заевци, Вицевци, Анѓушевци, директорчиња кои преку ноќ стануваат милионери, од протекции на училиште, во бизнисот, да мора да се чека она што со пот е заработено, да се очекува да се поклонуваат на разни лажни величини и измислени вредности, да се биде лажен во ичекување за нешто подобро кое никако не се случува. На таквиот егздус мора да му се стави крај, а првиот чекор е да се стави крај на оваа власт!, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.