Нa 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба и на денот кога е формирана Македонската револуционерна организација, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ќе организира протест со автомобили. Протестот, како што наведуваат, ќе биде против мафијата, за правдата и слободите.

Под наслов 127 години ВМРО, 30 години ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски објави фејсбук статус во кој ги покани сите граѓани масовно да се приклучат на протестот против мафијата, за правда и слобода.

127 години од светлиот датум за Македонија, за македонскиот непокор и пркост покажан низ вековите, денот кога започнува организираниот бунт против тиранијата, мигот кога почнува борбата за слобода, правда и своја држава.

Денес ја имаме државата, но ја немаме слободата која ја сакаме, ја немаме правдата која ни е потребна, се бориме за националното чувство кое ни го негираат.

Токму затоа ги покануваме сите граѓани масовно да ни се приклучат на протест против мафијата, за правда и слобода.

Протестот ќе започне утре, на 23 Октомври во 12 часот, од две собирни точки во Скопје, СЦ “Борис Трајковски”- општина Карпош и СЦ “Јане Сандански” – општина Аеродром, по што ќе финишира пред Собранието на Република Македонија.

Протестот со автомобили ќе продолжи од Скопје до Штип, преку автопатот “Гоце Делчев”, а во Штип ќе заврши пред Учителската школа каде своевремено учителствувале Гоце Делчев и Дамјан Груев.

Време е за одговор. Од секој зависи!, напиша Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.