Пред споменикот на загинатите бранители од конфликтот во 2001 година во Струмица беше одбележана 20 годишнината од загинувањето на Атанас Јанев.

На денешен ден во 2001 година, во операцијата за ослободување на селото Арачиново, загина струмичанецот Јанев, заедно со уште двајца негови колеги од полицијата.

Атанас е роден на 23 август 1976 година во Струмица. Неговата фамилија потекнува од струмичкото село Мокриево. Во детството секогаш сакаше со постарите да муабети и да слуша за минатото на својот народ и земја. Уште тогаш му се познавало патриотскиот дух. При секое минување низ градскиот плоштад, застануваше и се поклонуваше на паметникот на Делчев војводата, не претпостувајќи дека и самиот ќе го прифати татковинскиот позив и ќе замине на бранителската задача. Премногу го почитуваше и споменуваше ликот и делото на Гоце Делчев.

После полнолетството, Атанас имаше силни желби да и служи на татковината и да се приклучи во специјалците. Откако е вработен како полицаец, тој брзо напредувал и станал припадник на струмичката Посебна единица на Полиција. Кога започнал воениот конфликт во 2001 година, го прифати татковинскиот позив и останаа достоен и верен на заклетвата. Неколку месеци пред да почне војната во 2001 година, во декември 2000 година тој стапил брак со неговата сопруга, која веќе била трудна и очекувале прво дете. Атанас ја доживува истата судбина како и неговиот соборец, беровчанецот Никола Пехчевски, кои заедно загинаа, и двајцата не дочекале да си ги видат децата. Неговото чедо денес го носи татковото име – Атанас.

Атанас како и другите соборци кои загинуваат заедно, доброволно се пријавувале да учествуваат во првите борбени редови во акцијата за ослободување на Арачиново.

Во негова чест, на влезот на домот на културата во Мокриево е откриена спомен плоча. Атанас Јанев посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р. Македонија.

Пред споменикот на загинатите бранители цвеќе положија членови на семејството Јаневи, градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски и членови на Советот на општина Струмица, Општинскиот сојуз на борците и претставници на СВР-Струмица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.