Министерот за здравство д-р Венко Филипче рано утрово побарал од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да извршат вонреден инспекциски надзор за утврдување на возраста на пациентите хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“, откако на социјалните мрежи и во медиуми излезе информација дека наводно пациент кој требало да се хоспитализира во ковид центарот во таа болница бил вратен поради неговата возраст.

Венко Филипче да излезе и јавно да објави дека во ГОБ „8 Септември“ во Скопје е забрането да се примаат пациенти над 70 години. Јавноста мора да знае, особено постарите каде да се обратат во случај на компликации од вирусот, објави синоќа ќерка на почината 76-годишна пациентка заразена од ковид-19 во една од групите на Фејсбук каде што се споделуваат искуства и совети за ковид-19.

Таа јавно прашува дали нејзината мајка ќе останела жива ако место да ја исфрлат во ходник, и дале навремено соодветна венска терапија и кислород.

Исто така прашува дали Илија Филипче, татко на актеулниот министер Венко Филипче, ако се зарази со ковид-19 ќе го примат во ГОБ „8 Септември“, бидејќи тој има над 70 години.

ДСЗИ попладнево го информирал Филипче дека по извршениот надзор е утврдено дека во ГОБ „8 Септември“ од 107 лежечки пациенти, 38 се на возраст од 68 до 88 години.

Овој вонреден инспекциски надзор е направен по допрен глас откако во јавноста излегоа информации дека во болницата не се хоспитализираат пациенти повозрасни од 70 години.
ДСЗИ по извршениот надзор констатираше дека нема селективен пристап во хоспитализација во однос на возрасната граница кај пациенти заболени од Ковид 19, велат од ДСЗИ.

Филипче разговарал и телефонски со д-р Христијан Костов, директор на ГОБ 8 Септември. Според д-р Костов, во моментов во ГОБ 8 Септември, најмладиот ковид пациент е на 20 годишна возраст, а хоспитализирани се и пациенти над 72 години. Костов појаснил дека пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг ковид центар доколку во ГОБ „8 Септември“ нема слободен кревет, а додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во ковид центарот каде има слободен кревет за да биде хоспитализиран.

Министерот Филипче потенцира дека хоспитализацијата на пациентите во ниту еден случај не зависи од нивната возраст.

Секој пациент, без разлика колку години е, има подеднакво право на болничка нега и третман, додава Филипче.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.