Пациентката која со сопругот одмарала во Занзибар е медицинско лице вработено во болницата во Битола, но засега нема да се соочи со санкции што отсуствувала од работа, иако во сила сè уште е забраната за користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор. Станува збор за Одлука на владата објавена во Службен весник на почетокот на ноември 2020 година.

Од Министерството за здравство за „Република“ велат дека ова не е во нивна надлежност.

Надлежност на секоја јавно здравствена установа во која е вработен здравствениот работник или соработник е да утврдува кога ќе го користи годишниот одмор. Тоа не е во надлежност на Министерството за здравство, велат оттаму.

Вчера од ТВ21 ја контактирале и директорката на битолската болница Билјана Гагачовска, која кратко им одговорила „Не сум информирана“.

Брачниот пар од Битола пројавил симптоми на коронавирус два дена пред враќањето од Занзибар. 65-годишниот битолчанец со послаби симтоми на вирусот и со бубрежни оштетувања од понеделникот е хоспитализиран во струшката болница за нефрологија, а неговата сопруга, која има потешка слика на болеста е во стабилна состојба во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Вчера од Министерството за здравство информираа дека на брисот од едниот пацинет вратен од Занзибар детектирано е присуство на британскиот сој на вирусот СарсКов2, според анализите што ги направи МАНУ. Дополнуваат дека денеска ќе биде извршена анализа на вториот пацинет, кој, исто така, патувал за Занзибар.

За сега нема информација дали некој друг е заразен или ставен во изолација по контакт со сoпружниците кои од Занзибар се вратиле на 26 февруари, а биле хоспитализирани три дена подоцна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.