Вакцини против сезонски грип има за сите. Секој петок од тековната недела се отвораат термините за вакцинација за наредната недела. Годинава се набавени 40000 вакцини, што е најголем број досега, информираа за МИА од Министерството за здравство.
Вакцините, како што посочуваат, се бесплатни за ризичните групи: лица постари од 65 годишна возраст, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до пет години, хронично болни лица, како и за здравствени работници во соодветни термини обезбедени за секоја категорија поединечно, со што ќе се задоволат потребите за имунизација на општото население.
Вчера почна вакцинацијата во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје. За само неколку часа се потрошија околу 2 000 вакцини против сезонски грип. Ова беа комерцијалните вакцини, за кои граѓаните плаќаат 800 денари. Граѓаните и матичните лекари реагираа дека немало никаков ред во закажувањето на термините за вакцинирање.
Пуштените термини беа закажани за само неколку минути тотално рандом, кој стигна фати термин, останатите? Како да им објасниме на пациентите дека некој има закажано а некој не,
дека се спроведе “игра на брзи прсти” за закажување? Бројката на вакцини/термини е премала и не ги задоволува потребите, реагираше матичниот лекар Ненад Лазаров.
Директорот на ЦЈЗ-Скопје, Александар Стојанов најави дека се очекува да им бидат испорачани уште 2 000 вакцини, а кога ќе ги добијат рече дека зависи од дистрибутерот „Елбиор“. Тој напомена дека овие вакцини се однесуваат само за Скопје, бидејќи се набавени преку Центарот за јавно здравје-Скопје.
По спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип, не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација. Имено, се наоѓаме во период на вонредна здравствена состојба каде физичка и временска дистанца меѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор, нагласуваат од Министерството за здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.