Во насока на преземање превентивни мерки за обезбедување на здравјето и безбедноста на граѓаните, Министерството за внатрешни работи на денешната седница на влада ќе ги предложи следните мерки, објави на својот фејсбук профил министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Управните служби да работат со променето работно време, односно во Скопје од 07:30 – 18:00, а во останатите градови од 07.30-16.30. Одлуката ја предлагаме врз основа на анализата на посетеност во изминатите денови.

Со мерките за прекин на Владата да се вклучат и автошколите и Испитните центри.

Армијата целосно да го преземе обезбедување на зелената граница и тоа на подрачјето на ПС за граничен надзор Блато и ПС за граничен премин и надзор Џепчиште, со цел полициските службеници од Граничната полиција да се стават во функција на граѓаните од регионот каде е прогласена кризна состојба.

Ресурсите на јавните претпријатија, пред се во делот на теренски возила да се стават на располагање на Министерството за внатрешни работи.

На сите гранични премини, вклучувајќи го и скопскиот аеродром на сите лица кои влегуваат во нашата држава да им биде врачена наредба и формулар за изјава за самоизолација.

Дополнително ја информирам јавноста дека во моментов Министерството за внатрешни врши патролно обезбедување на автобуси со кои 32 државјани на Албанија и 20 државјани на Косово од скопскиот аеродром ќе бидат проследени со полициска придружба до граничен премин на излез од државата.

Во текот на денот приведен е гостиварски угостител поради непочитување на владината одлука за затворање на угосителските објекти. Истиот е задржан во Полициската станица Гостивар и по целосното расчистување и документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок – соопшти министерот Чулев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.