Кандидатот за градоначалник на Тетово од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива Вулнет Мурсели вечерва во Тетово отвори два изборни штаба во центарот на градот и во населбата Теќе. На средба со жителите Мурсели ја потенцираше потребата од репланирање и функционализација на градскиот плоштад и интеграција со новиот и стариот трговски комплекс.

-Ако земеме предвид дека со правилно репланирање потпирајќи се на можноста за употребна технологии и иновации, центарот на Тетово ќе стане атрактивна област, каде животот ќе биде полесен, како и пристапот до улиците и паркинзите. Се разгледува можноста за подземен паркинг под плоштадот, што е предвдено со Генерален урбанистички план за Тетово но во склоп со редизајнирањето на централното подрачје. Потребни се повеќе детски катчиња и зеленили површини, истакна Вулнет Мурсели.

Тој го потенцираше продолжувањето на булеварите за да може Тетово сообраќајно да „дише” .

-Приоритет ќе ни биде продолжување на булеварите – „Видое Смилевски-Бато” кон Порој, „Благоја Тоска” кон патот Тетово -Јажинце како и „Илинден” од поштата до градскиот стадион. Предвидуваме и нови капацитети за паркирање, со катно паркирање на четири локации во градот, рече Мурсели.

За населбата Теќе, програмата на Мурсели предвидува уредување три места како зелени пазари.

-Така ќе можат земјоделците да продаваат на соодветно место, наместо како досега на тротоари, рече Мурсели.

На прашањата на граѓаните за зачувување на градската архитектура, Мурсели го потенцираше проектот „Заштитени и обновени населби” со цел да се зачува автентичниот тетовски стил, ревитализација на Тетовско Кале, реконструкција на улиците со калдрма, зелени површини, обнова на културно -историските споменици во стариот дел од градот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.