Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати во интервју за МИА најавува дека утре, по завршувањето на седницата, на работен состанок ќе се расправа по предлогот на судијата Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.
Мурати вели дека по однос на Одлуката за распуштање на Собранието („Службен весник“ бр. 43/2020), во моментот нема оформен предмет за оценување нејзина уставност и законитост, но понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на утрешниот работен состанок.
Судот, претходно во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука. Но, минатиот четврток (30 април), од страна на судијата Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на истата одлука, поради што за утре е закажан работен состанок на судиите.
Ако судиите одлучат да се поведе постапка по службена должност, ќе биде оформен посебен предмет кој ќе биде доделен во работа на судија-известител и државен советник, кои по завршувањето на претходната постапка, треба да достават работен материјал за седница (реферат) со содржан предлог за одлучување што ќе биде разгледан на седница на Судот.
Секако, истакнува претседателот на Уставниот суд, тоа е хипотетички не значи однапред прејудицирање на таква одлука, која треба да биде донесена по претходна расправа за ова прашање.
Пред уставните судии утре треба да се најде и одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.
Мурати во интервјуто се осврнува и на оспорената владина уредба за намалување на платите на функционерите што предизвика реакции во јавноста.
На прашањето дали на оваа седница на Уставниот суд ќе се најдат и двете одлуки на шефот на државата Стево Пендаровски за вонредна состојба на целата територија, Мурати одговори дека втората одлука сè уште не е на дневен ред.
Дневниот ред за седницата која треба да се одржи оваа среда (6 мај) е објавен јавно, при што во точката 1 од делот од кој се однесува на оценување на уставност и законитост е предвидено разгледување на точката 4 од Одлуката за утврдување на постоење на вонредната состојба број 08-526/2 од 18 март 2020 година („Службен весник“ бр.68/2020), донесена од претседателот.
По однос на втората одлука на претседателот на Републиката за утврдување на постоење на вонредна состојба, можам да Ве информирам дека има оформен посебен предмет и штом се изготви реферат ќе биде предложен за разгледување на седница на Судот, рече Мурати.
Мурати додаде и дека досега Уставниот суд примил иницијативи за уставноста и законитоста на речиси сите досега донесени уредби со законска сила од страна на Владата.
Се работи за огромен прилив на нови предмети за краток период и најголемиот дел се веќе дадени во работа, при што повторно нагласувам, веднаш штом ќе бидат изготгвувани рефератите по овие предмети ќе бидат на дневен ред за одлучување, рече Мурати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.