Обвинителката Вилма Рускоска и судијката Добрила Кацарска го вложија својот професионален интегритет и капацитет во зборовите на осудениот за 27-ми април, Александар Василевски Нинџа.
Според обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство за настаните од 27-ми април, Нинџа ги собрал во ресторанот Дион членовите на патриотските здруженија и им поделил маски пред влегувањето во Собранието. Но на крај, тој како обвинет за членот 313 „терористичко загрозување на устаниот поредок“, доби поблага казна (8 години) во споредба со Оливер Радулов кој не беше обвинет за ова дело, туку за помагање во делото – и доби 10 години затвор од Кацарска.
Причините за ваквиот однос кон Нинџа може да се најдат во неговите обиди да биде „кооперативен“ со судот и со обвинителството. Непотврдени информации велат дека Нинџа неколку пати бил во Обвинителството во последниот период, а неговите излагања во судот, преку испитувањето на сведоците и во неговите искази за многумина од инволвираните личеа на „нарачка од Рускоска, за да си го оправда случајот“, односно да и овозможи на Кацарска да суди според монструозната квалификација на обвинението.
Дека оваа претпоставка воопшто не е нелогична не говори само „минатиот труд“ на Василевски-Нинџа, кој правниот систем во Македонија го познава како човек кој и во минатото давал дубиозни искази во неколку случаи „во корист на обвинението“, туку и фактите кои велат дека и Вилма Рускоска и Добрила Кацарска поверуваа на кажаното од Нинџа.

Рускоска се повика повеќе пати на исказот на Нинџа во завршните зборови, третирајќи го како сведоштво она што го кажа тој пред Судот, иако обвинети лица не полагаат заклетва бидејќи законот претпоставува дека поради обвинението не мора да значи дека ќе ја говорат вистината.
Дополнително, судска пракса е да се верува или целосно на исказот на обвинет или да не се верува воопшто ако судот оцени дека исказот не е кредибилен.
Но, скандалозното потпирање на Рускоска врз Нинџа продолжи со уште поскандалозно однесување на судот, па така судијката Кацарска кога зборуваше за „делото“ на Митко Чавков рече дека за истиот „се утврдило дека бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и од исказот на Нинџа, и од базните станици“. Базните станици не кажуваат каде точно се наоѓа некој мобилен телефон, туку поширок реон во кој тој телефон е позициониран, па така не може да се земат како прецизен доказ, дотолку повеќе што Чавков изјави дека во периодот пред 20 часот на 27-ми април бил во изнајмени простории во објектот на Технометал Вардар, за што и приложи доказ дека ги изнајмува уште од 2016 година.

Покрај ова, за Чавков сведочеа, под заклетва, двајца припадници на МВР кои изјавија дека екс-директорот на БЈБ навистина бил во објектот на Технометал Вардар, кој патем се наоѓа на воздушна линија од 50 метри од централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, поради што базните станици воопшто не може да се земат како некаков репер за точна локација на одреден мобилен телефон.
Но, иако сведоци под заклетва кажаа дека Чавков не бил во ВМРО-ДПМНЕ, Кацарска поверува во кажаното на Нинџа, обвинет соочен со повеќедецениска казна затвор и од кој започнува описот на дејствија во обвинителниот акт, а воедно и обвинет со богато криминално досие кој даде многу спорни изјави во текот на процесот. Ништо од ова не беше проблем Добрила Кацарска јавно да поверува во делови од неговиот исказ.

Со ова уште еднаш се засилија впечатоците дека Нинџа како соработник е сосема возможно да бил „искористен“ од ОЈО и Судот кои барале начин како да го оправдаат монструозното обвинение и да ги осудат по секоја цена обвинетите. Ваквиот впечаток не го негира и казната која ја доби Нинџа, а е втора најниска во случајот со повеќе од два века досудена робија – 8 години затвор, една повеќе од обвинетиот Абдулфета Алими кој му го спаси животот на Зијадин Села, а исто така беше осуден за терористичко загрозување на устаниот поредок.
Компањоните на Нинџа кои според обвинението тој ги организирал пред 27-ми април, како Никола Митревски Кољо и останатите, добија по 12, 14 и 15 години затвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.