Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за здарвство, Венко Филипче, вчера престојуваше во Истанбул на средба со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, при што главната вест беше дека Турција ќе и донира на Македонија 30 илјади дози од вакцините „Синовак“. Ништо премногу изненадувачки, со оглед на историски добрата соработка и поддршката што Турција ја давала и ја дава за земјава.

Сепак, посетата на Заев на Истанбул има неколку интересни аспекти, особено во контекст на времето и начинот на кој се случи.

Патувањето во Турција дојде доста одненадеш, односно не беше однапред најавено, нешто што власта ревносно се труди да го прави со секоја можност за донација на вакцини за земјава, кои по неколкупати и доста бомбастично се најавуваат долго време однапред.

Дополнително, количината на вакцини што ќе ги добиеме од Турција (со должна почит и благодарност за турската донација и великодушност) не е толкава за да бара неопхопдност од патување до Истанбул за да биде соопштена. Особено што праксата покажа дека и десетпати поголеми донации биле проследени со обична објава на прес-конференција во Скопје.

Затоа, пак, патувањето на Заев во Истанбул доаѓа само неколку денови откако турскиот мафијаш Седат Пекер на Јутјуб објави серија видеа во кои зборува против познати политичари од владејачката партија, тврдејќи дека се замешани во убиства, силување, трговија со дрога, злоупотреба на моќта и многу други криминални активности. Со таквите објави, Пекер предизвика силен потрес на политичката сцена во Турција и изврши врз власта на Ердоган и неговите соработници, со огледна тоа што неговите изјави беа главна вест на турските медиуми во текот на неколку денови потоа.

Станува збор за мафијашкиот бос, кој е еден од странските државјани со сомнителна биографија на кои власта предводена од Зоран Заев им има издадено македонски пасош. За врските што Пекер ги има со македонскиот премиер и луѓе од власта, во јавноста излегоа голем број податоци, а такво нешто потврди и самиот Пекер, кој обелодени дека лично се познава со Заев.

Јас го познавам премиерот на таа држава, бев гостин во домот на лидерот на Македонија – е дел од изјвата на Пекер.

Врските што ги има со Балканот, на Пекер му помогнаа и во 2020 година, токму преку балканските земји да избега од Турција во моментите кога беше суден за убиство, обид за убиство и киднапирање и беше осуден за создавање „злосторничко здружение“.

Затоа, малку е симптоматично што токму во време кога е силно загрозен од изјавите на Пекер, Ердоган да го повика на средба Заев, човекот кој има(л) конекции со неговиот противник, кој поседува македонски пасош, издаден токму од влчаста на Заев.

Од тука се поставува прашањето дали експресната еднодневна посета на Заев на Туреција имала за цел само да се соопшти донацијата на 30 илјади вакцини или можеби турскиот претседател побарал информации за врските што Заев и неговата власт ги имаат со Седат Пекер и дали Ердоган упатил барање да престанат секакви видови на контакти или врски на македонски субјекти со Седат Пекер.

 

 

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.