Во однос на барањето за зголемување на надоместокот заради попреченост, министерката Шахпаска изјави дека е предвидено покачување на износот за најмалку 15 проценти. Поради пандемијата на Ковид-19, неговата реализација беше пролонгирана за наредната година.

За потребата на поголема инклузија и вработување на лицата со попреченост, како што се наведува, во тек е проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на труд за што се разгледуваат искуства од другите земји, а веќе е отворена и јавна расправа кај нас со сите засегнати страни.

„Со измените на Законот за социјалната заштита се зголеми достапноста на правото за користење на личната асистенција, односно се намали возрасната граница за лични асистенти од 18 на 6 години. За спроведување на оваа измена, само за оваа година, обезбедени се средства за 200 дополнителни асистенти, а доколку има потреба од повеќе асистенти, нема пречки да се зголеми и оваа бројка“, се вели во соопштението од МТСП.

Во делот на зголемување на инклузијата и независноста на лицата со попреченост, МТСП заедно со Националниот сојуз на слепите лица и УНДП неодамна го пуштија во употреба и аудиочитачот- апликација за лица со оштетен вид, кој овозможува олеснет пристап до информации, независност во движењето и завршувањето на секојдневните обврски.

„Во врска со најавениот протест на коалицијата ‘Менуваме’ информираме дека Министерството за труд и социјална политика интензивно работи на унапредување на инклузијата на лицата со попреченост во нашата држава. Потврда за тоа е и постојаното проширување на мрежата на дневни центри за децата со попреченост. Неодамна МТСП го отвори дневниот центар за лицата со попреченост во Липково, а во тек е и изградба на центри за деца со попреченост и во општините Делчево, Чашка, Боговиње и во Скопје“, додаваат од Министерството.

Министерката Шахпаска неодамна одржа средба со претставници на коалицијата „Менуваме“ и информира дека сите нивни барања во основа се дел од агендата на Министерството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.