Министерството за труд и социјална политика најостро ги демантира дезинформациите и лажни вести во однос на новиот предлог Закон за спречување и заштита од дискриминација, според кои, со овој закон се брише семејството и термините мајка и татко.
Ова воопшто не е предмет кој се уредува со овој закон, се вели во соопштението.
Законот за спречување и заштита од дискриминација е т.н. lex specialis, односно не ја уредува детално секоја област на која се однесува. Во новиот предлог закон се вклучени општи одредби, кои подетално се уредуваат во посебни закони. Конкретно, одредбата за “бракот дека е заедница меѓу маж и жена” е уредена во Законот за семејство и таму нема промени за ова прашање. Во Република Македонија бракот, како и вонбрачната заедница, се заедници меѓу еден маж и една жена, и родителите се именуваат како татко и мајка.
Законот за спречување и заштита од дискриминација, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани. Ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот, велат од Министерството.
Исто така, се нагласува дека Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обеднитетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР. Тие истакнуваат дека Република Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.