Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија реагира на најавите за промена во концептот за основно образование и бара предметот Етика во религиите да остане во образовниот процес како посебен предмет, со кој на децата ќе им се овозможи образование и воспитание согласно нивните верски убедувања.

САС на МПЦ – ОА категорично се придружува во борбата за почитување на човечкиот живот, здравје и слобода, како и против дискриминацијата од секој можен вид, но истовремено инсистира на тоа дека секој обид за систематско ревидирање на вредностите и погледите кои произлегуваат од православното христијанство претставува чин на дискриминација. Во тој контекст, има значајни забелешки во однос на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и на новата концепција за основното образование, коишто ќе бидат дoставени до надлежните институции – стои во соопштението испратено по седницата оржана пред три дена.

Тие потсетуваат дека државата е должна да обезбеди воспитание и образование во согласност со верското убедување на родителите, што значи и дека никој нема право да наметнува воспитание и образование на децата спротивно на верското убедување на нивните родители.

-Во прилог на наведеното сметаме дека програмата на предметот „Етика во религиите“ безусловно треба да најде соодветно место во новата концепција во текот на целото основно образование – велат од МПЦ.

Потоа додаваат:

САС на МПЦ – ОА со голема загриженост ја разгледа појавата на антицрковни тенденции, кои, свесно или несвесно, го нарушуваат единството и чистотата на правoславната вера, како и духовниот и канонски поредок. Ваквите пројави главно се демонстрираат на социјалните мрежи, каде што преку духот на осудата, а за некакво божемно „отстапување од светите канони“ се дава повод за соблазна на верниот народ. Оние што стојат зад платформите: „Слово против сектите“, „Соборно православие – анaлизи“, „Православна Македонија“, „Свето Православие“, „Слово Божјо“, „За последните времиња“, „Симон Киринејски“, „Манастир Св. Гаврил Лесновски“ и некои други, љубовно се повикуваат да го напуштат клеветничкиот и соблазнувачки дух и да се вратат во послушание кон Светата Црква.

Поради влошување на епидемиолошката состојба со ковид кризата кај нас, Синодот изразува загриженост и препорачува времено, по примерот на другите европски земји, кои од истите причини веќе ги одложија закажаните пописи и нашата земја да го следи нивниот пример, почитувајќи ги здравствените протоколи.

Исто така, Синодот искажува загриженост за најавената постапка за менување на улици во градот Скопје на заслужни црковни и национални дејци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.