Имунизацијата против Ковид-19 во државата се одвива непречено, тврдат надлежните. Од денеска треба да биде активна е и веб-страницата за ревакцинација на граѓаните кои се вакцинирале во странство, „https://vakcinacija.mk/revaccination“, а задутре ќе се разговара за евентуалните нови мерки за заштита на границата, против ширењето на делта сојот на вирусот.
Комисијата за заразни болести в понеделник ќе треба да процени дали тестовите се вистинска мерка со која ќе може да се заштитиме од ширењето на делта сојот на корона вирусот, кој веќе се рашири низ Европа и дали има потреба од воведување нови мерки во однос на заштита на границите.
Во однос на вакцинирањето на трудниците и доилките, ставот на Стручниот комитет е дека за нив треба да се преферира вакцината на „Фајзер“.
Според последниот извештај на Министерството за здравство, вакцинирани се вкупно 346 836 граѓани. Вкупно се аплицирани 572.176 дози вакцини, а ревакцинирани се 225 340 граѓани.
Со последните бројки 52 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 49 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина – соопштија од Министерството за здравство.
Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата „vakcinacija.mk“ е 481 809 граѓани.
Масовната вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Граѓани кои се вакцинирале во странство, а сакаат да се ревакцинираат во државата, тие можат да се пријават на веб-страницата „https://vakcinacija.mk/revaccination“, која ќе биде во функција до 10-ти месецов.
Од Министерството за здравство посочуваат дека преку регистрацијата на граѓаните, ќе можат да добијат детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат.
Страната за регистрација за ревакцинација ќе биде отворена една недела, по што ќе биде затворена регистрацијата. На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини кои ќе ни бидат потребни. Најголем предизвик за ревакцинација на овие граѓани е фактот што дозите не можевме досега да ги планираме и не знаеме со што ќе располагаме во моментот кога тие треба да се ревакцинираат – се наведува во соопштението на Министерството.
Со вакцината на Астра Зенека во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години.
За сите други граѓани после регистрација на сајтот, од Министерството за здравство појаснуваат дека ќе направат обид да се обезбедат доволни количини вакцини по што, како што велат, ќе информираат прецизно во јавноста.
Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 11 случаи на Ковид-19. Новите случаи се регистрирани во Скопје – 5, Тетово – 3, Битола , Берово и Пехчево – по еден.
Регистрирани се четири оздравени пациенти, а пријавено е едно починато лице, и тоа од Македонски Брод, во болнички услови.
Досега во земјата се направени вкупно 884.593 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.700, бројката на оздравени пациенти е 150.067, на починати е 5.486, а активни се 147 случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.