Ако вакцинацијата против ковид-19 стане сезонска или биде потребна трета доза, Македонија ќе се потпре на вакцините произведени во Институтот Торлак во Србија, соопшти денеска во Белград министерот за здравство Венко Филипче на заедничка прес конференција со неговиот српски колега Златибор Лончар.
Двајцата министри денеска разговарале за капацитетите кои ги има Торлак за месечно производство на вакцини, за проценките за потребите на Србија и на земјите од соседството, како и за тоа дали можеби ќе треба трета доза од вакцината или таа ќе стане сезонска.
Институтот Торлак ќе биде наш стратешки партнер во периодот што следи. Има многу информации за кои допрва треба да научиме, а кои сега не ги знаеме, а се однесуваат и на тоа дали евентуално ќе треба и трета доза или можеби оваа вакцина ќе стане сезонска, па ќе треба да се прима секоја сезона. Треба да обезбедиме стабилен и сигурен извор од кој ќе може да добиваме вакцини. При секоја следна набавка на вакцини прво место на кое ќе се обратиме ќе биде Институтот Торлак – рече Филипче.
Тој најави дека македонската влада ќе донесе одлука во знак на благодарност српските граѓани да бидат ослободени од плаќање патарини во Македонија од 15 јуни до 15 август.
Филипче се заблагодари за донацијата на вакцини од Србија од името на Владата и на граѓаните на Република Македонија на, како што рече, братскиот српски народ за значајната донација на вакцини, процес кој беше организиран благодарејќи на министерот Лончар, на српската премиерка Ана Брнабиќ и посебно на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Благодарејќи на тие вакцини ние почнавме со процесот на имунизација и сега се вакцинирани сите здравствени работници кои работат во ковид-центрите, потоа дел од вработените во полицијата, Армијата, судовите итн. Дозволете да ја изразам и благодарноста што Србија ја отвори ширум вратата да бидат вакцинирани и наши граѓани заедно со српските граѓани овде во Србија и со тоа направи голем чин на пријателство, посебно во временскиот период кога во светот вакцините не стигнуваат ниту со потребната, ниту со посакуваната брзина, а тој процес Србија навистина го реши феноменално – нагласи Филипче.
Според министерот Лончар, досега во Србија се вакцинирани нешто помалку од 15.000 македонски граѓани.
Продолжуваме со соработката и да си помагаме едни на други. Србија ќе обезбеди и втора доза за граѓаните од Македонија што се вакцинираа со „АстраЗенека“. Но можеме да договориме, врз основа на евиденцијата, ако е полесно тие дози да ѝ ги отстапиме на Македонија и таму да се организира нивното вакцинирање. Има нешто помалку од 12 недели да го договориме тоа. Сепак, останува можноста тие да ја добијат и втората доза во Србија, онаму каде што ја примиле и првата – рече Лончар.
Тој апелираше до македонските државјани што не живеат во Србија или таму немаат бизнис, ниту друг вид регулиран престој, закажувањето за вакцинирање во Србија да го прават исклучиво преку интернет-страницата Е-управа и да не доаѓаат без закажан термин на пунктовите за вакцинација. Без пријава граѓаните ќе можат да се вакцинираат само ако повторно има нови акции и повици за вакцинирање без термини.
Одговарајќи на новинарско прашање Лончар рече дека во Србија сѐ уште не потврдено присуството на бразилскиот сој, но дека се однесуваат како да е веќе таму.
Српскиот министер за здравство очекува дека Србија кон крајот на јуни ќе оствари колективен имунитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.