Клучните моменти во преземање на климатска акција за праведна транзиција кон обновливи извори на енергија, практично значи замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија и енергетската ефикасност. Тоа се клучните моменти коишто треба да се реализираат со цел да се намали емисијата на стакленички гасови. Тука пред се се мисли на јаглеродниот диоксид, истакна Маја Морачанин, пратеничка и лидерка на зелената партија ДОМ, на денешната трибина на тема „Климатска акција – сега!!!”.
Морачанин посочи дека сите сме сведоци дека во изминатите години во целиот свет се случуваат климатски промени, кои го загрозуваат нормалното живеење и придонесуваат и за човечки жртви и огромни материјални штети.
Оние поплави, периоди на суши, временски непогоди, сето тоа е резултат на климатските промени и за жал овие долги периоди на суши проследени со инциденти, страшни временски непогоди како поплави, невреме и таканатаму се почесто ќе се случуваат, а сето тое гледаме дека во економски многу подобри земји не можеа ниту да го спречат, ниту да се справат соодветно со тие поседици, затоа што едноставно овие природни непогоди не можеме да ги спречиме, а последиците се навистина страшни. Тоа се навистина огромни последици и доколу навистина не се преземе климатска акција сега – веднаш, практично животот на луѓето на планетата многу наскоро, за жал, нема да биде онаков како што го познаваме – нагласи Морачанин.
Лидерката на ДОМ потенцираше дека климатските промени освен што предизвикуваат штети врз животот и здравјето на луѓето, предизвикуваат и економски штети, што се фактор кој ќе доведе до т.н. климатска миграција што дополнително ќе го комплицира живеењето на луѓето и навистина.
Мислам дека сите овие аргументи се сосема доволни за да ја сфатиме сериозноста на климатските промени и навистина да се посветиме во ефикасна борба против климатските промени. Ние мораме да се адпатираме на овие промени коишто веќе ги живееме, бидејќи она што може да не очекува во иднина е недостиг и на вода и на храна. Сите овие непогоди навистина ќе го сменат начинот на живот и ќе доведат до невидени последици за животот на луѓето – истакна Морачанин.
Таа посочи дека треба повеќе да се инвестира во енергетската ефикасност.
Постојат различни субвенции за граѓаните, се разбира и за претпријатијата, за јавните објекти. Тука има огромен простор на кој треба да се работи којшто може да се спроведе многу побрзо и поефикасно и којшто ќе доведе до зачувување на енергијата. Тоа има и економски бенефити, но и во однос на борбата со климатските промени и она што е важно, бидејќи главните причинители за климатските промени се енергетскиот сектор, којшто се уште се базира на фосилни горива, кај нас јагленот, но и сообраќајот, индустријата, земјоделието и таканатаму, истите овие причинители се и главните фактори за загадувањето на животната средина, особено кога зборуваме за аеро-загадувањето, а тоа секако е еден од најгорливите проблеми во Македонија, особено во големите градови – наведе Морачанин.
Претеничката од редовите на ДОМ констатираше дека борејќи се против климатските промени ние се бориме паралелно и со загадувањето на животната средина. Таа рече дека реалноста е оти има големи финансиски средства, пре се од ЕУ дадени за земјите од Западен Балкан, наменети за зелената економија.
Така што финансиски средства има и она што треба да се направи е навистина поголема посветеност за да се имплементираат сите овие практики за кои зборуваме и кои што можат да направат на среден рок, секако може да се постигне и поголема транзиција кон обновливите извори на енергија и подобра енергетска ефикасност – посочи Морачанин.
Таа истакна дека на ДОМ, како зелена партија и е важна енергетската демократија.
Идејата е дека граѓаните сами треба да ги уживаат бенефитите од овие обновливи извори на енергија, пред се мислам на Сонцето, бидејќи ние имаме 280 сончеви денови, многу помалку го користиме сонцето како извор на енергија од другите држави коишто имаат многу помал број на сончеви денови и тоа е навистина огромна штета за нас – оцени Морачанин.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска истакна дека главната цел е земјата да земе сопствено учество во регионалните и меѓународните случувања и да придонесе за постигнување на европските и меѓународните цели според договорот од Париз.
Нашите цели до 2030 година се: 51 процент намалување на емисиите на стакленички гасови во споредба со нивоата од 1990 година или изразено во нето емисии, во 2030 година, намалување од 82 отсто во споредба со нивоата од 1990 година. Засилениот национално определен придонес е фокусиран на областа за ублажување, со визија да ја вклучи компонентата за адаптација во следните поднесоци, откако ќе се подготват и усвојат релевантните национални стратешки и плански документи – нагласи Оџаклиеска.
Заменик-министерката посочи дека се анализирани 63 политики и мерки за ублажување во следните сектори: енергија, земјоделство, користење на земјиште, промена на користење на земјиштето и шумарство, отпад, како и дополнителни т.н овозможувачки на акција за ублажување на влијанието на климатските промени.
Ја усвоивме нашата Долгорочна стратегија за климатска акција, со визија Република Македонија до 2050 година да е просперитетна, ниска јаглеродна економија, следејќи ги одржливите и климатските еластични патеки за развој, подобрување на конкурентноста и промовирање на социјалната кохезија преку акција за борба против климатските промени и нивните влијанија. Законот за климатска акција, е во финална фаза на изработка, со кој ќе го институционализираме процесот на здружена, координирана, фокусирана и правно-обврзувачка климатска акција – потенцираше заменик-министерката.
Таа оцени дека денес, кога човештвото се соочува со пандемија, економска криза и еколошки дефект – не можеме да си дозволиме повеќе загуби.
Владите на земјите ширум светот имаат единствена можност да ги стават своите земји на одржливи траектории кои даваат приоритет на економските можности, намалувањето на сиромаштијата, јавното здравје и подобрување на состојбите во животната средина во исто време. Сега е момент кога треба да се обезбеди долгорочен економски, социјален и еколошки просперитет. Парискиот климатски договор според Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени воспостави правно обврзувачка, универзално применлива меѓународна рамка со механизам за транспарентност и отчетност на секои пет години. Неодамнешниот извештај подготвен од Програмата за животна средина на Обединетите нации посочи дека доколку сите земји ги исполнат своите сегашни цели за Национално определен придонес , ние сè уште ќе бидеме на само една третина од патот кон постигнување на Парискиот договор – наведе Оџаклиеска.
Таа истакна дека кризата со Ковид-19, која ги принуди владите да ослободат голема сума на финансиски средства за да ги одржат економиите на земјите погодени од пандемијата, може да претставува невидена можност за поддршка на напорите за енергетска транзиција низ целиот свет.
Политиките што се предлагаат за заживување на економијата по Ковид кризата треба да ја поддржат оваа енергетска транзиција во еден победнички пристап бидејќи е можно да се заживее економијата додека се намалуваат емисиите на стакленички гасови – изјави заменик-министерката.
Таа додаде дека климатските активности се во срцето на Европскиот зелен договор, кој го оцени како амбициозен пакет на мерки кои се движат од амбициозно намалување на емисиите на стакленички гасови, до инвестирање во најсовремени истражувања и иновации, до зачувување на природната средина на Европа.
Имплементацијата на Зелениот договор на ЕУ е од витално значење да се вклучи јавноста како целина – да се инсталира нова култура на свесност и да се активира заедничката климатска акција. Во таа рамка, земјите од регионот на Западен Балкан треба да го имплементираат својот Национално определен придонес усогласен со рамката на ЕУ за климатска и енергетска политика 2030 година, придонесувајќи за постигнување на целта ЕУ до 2050 да биде јаглеродно неутрална – заклучи Оџаклиеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.