Набавката на модуларните префабрикувани контејнери за формирање на привремените Ковид-центри во 16 градови е во тек и истата се очекува да биде успешно завршена во ноември. Поставувањето на монтажните Ковид центри треба да почне веднаш по завршување на набавката и по склучување на договор со најповолниот економски оператор.

Овие болнички капацитети се по примерот на монтажната болница веднаш до Инфективната клиника во Скопје, треба да бидат поврзани со врска до главните болници и нивната функција е да ги примат новите напливи на ковид инфицирани без притоа да се попречи функционирањето на болниците за пациенти со други дијагнози.

Болниците се полнат забрзано. Моментално активни се над 5.500 случаи на коронавирусот, а последната статистика на Министерството за здравство регистрираше десет починати.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, има 100 хоспитализирани пациенти со коронавирус, а на готовс е модуларната болница во дворот на клиниката, за која веќе е мобилизиран и медицински кадар од останатите клиники. Од стоте пациенти дури шеесет и двајца се на кислородна поддршка.

Во болницата во Козле хоспитализирани се шест деца и шест мајки позитивни на ковид-19, како и едно дете и две мајки сомнителни на вирусот. Во ГОБ 8 Септември хоспитализирани се 45 пациенти од кои двајца на респиратор. Во битолската болница има 36 хоспитализирани, во Штип 56, а во останатите болници ширум државата 233.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.