Случајот „Титаник“ месецов е најзастапен во судот. Дури седум рочишта се закажани за овој пред што во февруари 2016 година го отвори СЈО. И додека осомничените, меѓу кои и поранешни функционери, за случајот „Титаник“ речиси секоја недела по двапати се на суд, за случајот „Монструм“ од 2012 година е закажано само едно рочиште. Во овој предмет се суди за петократно убиството кај Смиљковско Езеро, односно убиство на четири деца и еден рибар.

Во двата судски предмети како судии се јавуваат истите имиња – Осман Шабани и Огнен Ставрев. Во нивниот распоред нема место за „Монструм“, но затоа има премногу слободни термини за случајот „Титаник“ за кој се коментира дека е политички мотивиран случај, кој произлегува од таканаречените „бомби“ кои, како што велат голем број правници, не треба и не може да се користат како доказен материјал во постапката.

Петкратно убиство седум години талка по судовите и сѐ уште е на почеток бидејќи актуелниот премиер Зоран Заев така му вети на својот владин коалиционен партнер, Али Ахмети, лидер на ДУИ. Ваквото ветување, како што досега се пишуваше во повеќе медиуми, доаѓа со прифаќањето на тиранската платформа. Убивањето на пет млади и невини луѓе за судот, судиите, како и за владејачката СДСМ е седумпати помалку важно од одлуката и потребата што побрзо да го осудат експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески, ексградоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и останатите во процесот.

Се повеќе правници, па дури и оние кои некогаш важеа за поддржувачи на политиката на СДСМ, гласно зборуваат дека владејачката партија од судот направи парофија. Судот во Македонија, коментираат тие, го претворија во инструмент за одржување на власт и пресметка со политичките противници. Процесите од политичкиот прогон полека стануваат лекции кои еден ден ќе се изучуваат во учебници по право каде ќе се учат како примери како не треба еден суд да постапува, како не треба една власт да владее и како изгледаат политички мотивирани и нарачани судски прогони од власта. Но и како лекции во учебници по историја, за едно време кога во Македонија се повтори 1949 година.
Дотогаш ќе гледаме политички прогон во живо, како негови современици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.