Засега нема механизми, ниту насоки за вакцинирање на наставниот кадар кои досега не е вакциниран, ниту како ќе се спроведува наставата во новата учебна година, изјави заменик министерот за образование и наука, Арафат Шабани одговарајќи на новинарско прашање при посетата на гостиварскиот интернат, за тоа дали невакцинирањето на наставниците ќе биде закана за новата учебна година.

Денеска министерот за здравство Венко Филипче изјави дека учениците од септември ќе се вратат во училишните клупи, а работна група составена од претставници на Министерството за образование и наука (МОН) и епидемиолози, претставници на Комисијата за заразни болести работат на протоколите кои треба да бидат готови за две недели.

Заменик министерот Шабани појасни дека МОН нема точна бројка на невакцинирани и ревакцинарни наставници и на оние кои одбиле.

Начинот на настава се реализира според упатствата што ги добиваме од надлежните здравствени установи и тела, главно од Комисијата за заштита од заразни болести. Приоритет ни беа наставниците кои изведуваат физичка настава, а за останатите во координација со здравствените власти, кои даваат насоки за термини вид на вакцина. Засега нема механизам или кампања за подигнување на свеста кај оние наставници, кои во септември треба да се вклучат во редовниот процес со физичко учество во наставата. Ние не можеме да ги принудиме да се вакцинираат, рече Шабани.

Филипче денеска изјави дека од вкупно 30 илјади наставници, околу 10 илјади се вакцинирани и дека очекува по целосно завршување на протоколите за враќање на училиште, да почне имунизацијата на останатиот наставен кадар во училиштата.

За неполни две недели целосно ќе бидат готови протоколите, а веднаш кога ќе започне имунизацијата со големата бројка вакцини кои доаѓаат викендов, продолжуваме со вакцинација на наставничките и наставниците. Од вкупно 30 илјади наставници, околу 10 илјади веќе се вакцинирани, тоа се оние наставнички кои работеа со физичко присуство, изјави Филипче.

Шабани вели дека МОН е во координација со Министерството за здравство и продолжува да доставува списоци и податоци за групи од воспитно-образовниот.

Одзивот за вакцинирање во гостиварските училишта досега е делумен исто како и во градинките. Според најавите од МОН, владее оптимизам за физичко присуство на наставата во новата учебна година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.