Педагошката служба и преговарачкиот тим на Министерството за образование и наука, по пат на преговарање, оваа година успеале за 10 милиони денари да ја намалат вкупната цена за набавка на учебниците кои согласно актуелното законско решение се одобрени да се применуваат во училиштата во државата, а за кои МОН не ги поседува авторските права, туку се сопственост на издавачки куќи и автори.

Директорката на Педагошката служба во состав на МОН, Вангелија Велева, изјави дека тоа е од голема важност, затоа што како што изјави, секоја заштеда значи реалокација на средства за реализација на некоја друга инвестиција, на пример за подобрување на образовната инфраструктура.

Велева вели дека доставата на учебници и наставни материјали ќе се заокружи навреме, пред почетокот на учебната година.

Процесот на дистрибуција оваа година е многу добро организиран и започнат порано од праксата воспоставена во изминатите години, така што учебниците ќе бидат дистрибуирани до сите училишта пред почетокот на школската година и учениците ќе можат веднаш да почнат ги користат. Нема да има доцнење и тоа да создава грижи кај учениците и кај нивните семејства дека одреден материјал ќе биде пропуштен или ќе се задоцни со неговото совладување, па учениците ќе бидат преоптоварени во одреден период – истакна Велева, додавајќи дека оваа година МОН и Педагошката служба се постојано на терен, правејќи контроли дали испораката на учебниците се спроведува согласно потпишаните договори со издавачките куќи.

Велева информира дека исклучок од набавката на учебници преку Педагошката служба оваа година се материјалите за учење за прво и четврто одделение. Тие се изработуваат по нови наставни програми и согласно новата Концепција за основно образование, а во чија изработка се вклучи Бирото за развој на образованието кое е задолжено за испорака на печатените учебници за прво одделение и за обезбедување дигитална верзија на оние наменети за четврто одделение.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.