Од денеска лозинките за пристапување на учениците ќе се доставуваат до директорите и тие треба да ги спуштат на ниво на одделенија за да може да влеземе во тестирање на платформата и нејзино оптоварување, со цел да ги видиме перформансите.
Ова денеска го изјави министерката за образование и наука Мила Царовска која со заменик-министерот Арафат Шабани, градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, го посетија основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ и разговараа со наставниците за подготовките за почетокот на училишната година
Заврши обуката на националните тренери. Секој од нив обучи по 40 наставници, односно околу 1.600 наставници во земјава.
За да имаме добра учебна година, навистина ни се потребни сите наставници, сите директори, синдикатот, родителите и учениците да може да се приспособуваме согласно настанатите услови, рече Царовска.
За синдикатот, важно е што сите чинители на воспитно-образовниот процес да соработуваат зашто само така може, во период на пандемија, навреме и успешно да отпочне новата учебна година.
Во духот на коректниот социјален дијалог и партнерство денеска сме овде повеќе партнери на повеќе нивоа, кои директно сме инволвирани во подготовка и реализација на образовниот процес. Ние како синдикат, организација која се грижи за обезбедување на правата на нашите членови, на вработените, денес може да констатираме во однос на подготовката на ова основно училиште, се разбира и на другите основни и средни училишта на национално ниво, до каде се подготовките во однос на обезбедување на мерките од протоколите, подготовките за обезбедување техничка поддршка за онлајн-настава, до каде се препораките за обезбедување здрава работна средина на вработените во период на пандемија, како ќе се организира физичката настава, како ќе се делат групи, како ќе функционира онлајн-наставата. Ние сме тука да бидеме коректори, да бидеме гласни, да укажуваме за сѐ што не е направено, а мора да се направи за сите заеднички, безбедно и успешно да ја почнеме и завршиме оваа учебна година – вели Неделков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.