Министерството за образование и наука соопшти дека е формирана работна група за промена на наставните и дидактичките материјали за основно и средно образование. Реформата со учебниците ќе се воведе од следната учебна година.
Оттаму велат дека ваквиот потег се должи на постојаните реакции од јавноста, родителите и учениците, но и на самите наставници за квалитетот на учебниците.
Изминатите денови се дискутираше за за учебникот по македонски јазик за шесто одделение во кој во текст со наслов „Три добри совети“ пишува:
По некое време селанецот се скарал со жена си и дигнал секира да ја заколе, но веднаш се сетил на советот: Кога ќе се налутиш, изброј до петнаесет, па после да го извршиш тоа што си намислил“.
Ова е извадок од текст во учебникот, кој е пренесен како народна приказна во која се раскажува како еден селанец со три алтани купил три совети.
Од МОН за овој учебник велат дека не може во тек на учебна година тој да биде повлечен, бидејќи е комплицирана процедурата и додаваат дека е во тек подготовка на целосно нов Закон за учебници со кој ќе се надминат недостатоците во овој сегмент од образованието.
Покрај тоа, поплаките се однесуваат и на долгите постапки за нивно одобрување, како и честите повлекување на учебници поради стереотипи, предрасуди, грешки и недоследности.
Вчера МОН соопшти дека го повлекле учебникот по македонски јазик за петто одделение поради несоодветна и дискриминирачка содржина.
Работната група е составена од претставници од Министерството за образование и наука, Педагошката служба, Бирото за развој на образованието како и претставници од меѓународни институции и граѓанскиот сектор.
Веќе се работи на анализа на најдобрите искуства и практики од неколку европски, скандинавски и земји од регионот, а потоа ќе се изготви нов систем за унапредување на квалитетот на наставата. Тоа подразбира не само употреба на учебници, туку и изработка и употреба на разни видови на наставни и дидактички материјали за наставниците и учениците, велат од МОН.
Голем број на земји во светот веќе го имаат надминато системот на класична употреба на учебник, поради што учениците своето знаење го стекнуваат преку различни извори на информации и разновидни дигитални алатки.
Ова е идеја и на голем број наши наставници, но е дел и од препораките на ОЕЦД за системот на образование во нашата земја“, соопштуваат од министерството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.