Министерството за образование и наука (МОН) објави оглас за изработка на материјали за учење и за ликовни илустратори односно графички дизајнери за изработка на детски илустрации за учениците во прво и четврто одделение.

Со ова практично почнува подготовката на материјалите од кои ќе учат првооделенците од учебната 2021/2022.

МОН и Бирото за развој на образованието, како носител на процесот, очекуваат и повикуваат на огласите да се јават искусни практичари кои ќе понудат креативни материјали и илустрации соодветни на возраста на учениците и на барањата за постигнување на резултатите од учење определени во секоја тема од наставните програми.

Сите содржини во материјалите за учење треба да се базирани на современи, научно засновани и релевантни сознанија, а сите примери и активности да бидат креирани на начин да се интересни за учениците и да се во релација со нивните искуства. Исто така, ликовните илустратори/графичките дизајнери треба да соработуваат со авторите тимови кои ќе работат на подготовка на материјали за учење, со што ќе се овозможи нивна квалитетна визуелизација, што е значајно за учениците од прво одделение, велат од МОН.

Наставните материјали со текстуалната и визуелната содржина, треба да овозможат совладување на основните вештини по одделните наставни предмети. Основната цел на новата концепција е во фокусот на образованието да бидат учениците, односно преку квалитетна настава кај децата да се развие критичко размислување, креативност и граѓански вредности.
Наставните материјали се изготвуваат согласно наставните програми за прво одделение, кои се усогласени со Концепцијата за основно образование и со сите стратегии и пристапи на настава и учење коишто се промовираат со неа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.