Децата коишто немаат уреди за следење на онлајн настава во време на Ковид-19 ќе добијат можност за учење како и останатите деца, соопшти денеска Министерството за образование и наука и информира дека со Планот и Протоколите што се усвоени од Владата се предвидува успешно следење на наставата и за децата кои нема да бидат во можност да учат преку онлајн платформата.

За таа цел, детето има можност наставата да ја следи со физичко присуство на часовите во самите училници, додека наставниците предаваат на другите деца преку онлајн платформата. Исто така, за децата, чии родители се изјасниле дека не сакаат да ги пуштаат во училиште со физичко присутсво, а немаат уреди, во Планот е предвидена опција да добиваат печатени материјали. Овие материјали ќе се доставуваат на родителите од страна на наставниците според сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19. За да може секое дете да има пристап до наставниот материјал, МОН е во преговори 15-минутни видеа со одреден час да се емитуваат на Националниот сервис на посебни канали кои се обезбедени, соопштија од МОН.

Наставниците ќе имаат обврска редовно да комуницираат со децата и нивните семејства и да следат колку напредуваат во учењето.

Приоритетната и најважната цел, велат од МОН, е да се обезбеди пристапност до наставата за секое девојче и момче во државата, без разлика каде живее.

Нашата примарна цел е да создадеме образование достапно до секого и образовен процес којшто ќе ги постави темелите за развој на идни генерации кои ќе бидат движечката сила и умот на државата, се истакнува во соопштението на Минстерството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.