Официјално започна новата учебна година. Во 600 училишта во државата се одржува настава со физичко присуство, a за останатите е достапно учење на далечина, преку онлајн платформата и со емитување на часови на македонски и на албански јазик на националната телевизија.
Министерството за образование и наука е во постојана комуникација со тимот од ФИНКИ и Бирото за развој на образование којшто работи на платформата и од утрово нема посериозни пречки за одржување на онлајн наставата. Министерството за образование и наука информира дека за успешно одржување на онлајн настава најважен е делот од платформата којашто е базирана на Мајкрософт тимс. Последните тестови што се одвиваа во текот на вчерашниот ден, без проблеми се најавија и се приклучија на Мајкрософт тимс сите ученици коишто ги имаат добиено лозинките во текот на минатата недела. Исто така, во моментот ФИНКИ работи на оптимизација на останатиот дел од платформата, соопштуваат од Министерството.
За училиштата кои ќе работат со физичко присуство, Министерството за образование и наука апелира до директорите, наставниците, родителите и учениците да се придржуваат на строгите мерки за заштита од Ковид 19, бидејќи тие се клучни за спречување на ширење на заразата.
Сите сме свесни дека оваа година ќе биде многу поразлична од другите бидејќи, пандемијата предзвика огромни промени во нашите животи, а образовниот процес за многу кратко време мораше да претрпи целосна трансформација. Исто така, Министерството за образование и наука се заблагодарува до сите што помогнаа во организацијата за успешен старт и очекуваме силната и посветена соработка да продолжи и во периодот што следи, се наведува во соопштението од МОН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.