Добитниците на наградата „Гоце Делчев“ ќе добијат статуетки и признанија, но не и свечена церемонија. Причина: ситуацијата со пандемијата. Барем така велат од Министерството за образование.

Постапката за доделување на наградата „Гоце Делчев“ е целосно завршена и во следните денови одлуката за избор на добитниците на наградата ќе биде објавена во Службен весник, за што е доставен и допис од страна на Министерството за образование и наука. Единствено, церемонијата на која вообичаено се доделува наградата во просториите на Собранието нема да се одржи поради ситуацијата со пандемијата. Сепак, за сите добитници се подготвени статуетки и признанија и истите ќе им бидат доставени, велат од МОН.

Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев во колумната во „Нова Македонија“ „Наградата „Гоце Делев“ доделена, но не и врачена“ пишува за дилемата на што се должи односот кон оваа награда која годинава се доделува по пауза од две години. Доделувањето првпат беше откажано во 2018 година, со образложение оти се доцнело со роковите. Во 2019 година наградата не се додели поради недостиг на финансиски средства и истечен мандат на претходниот состав на комисијата.

Со државната награда „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Македонија. Оваа награда за првпат била доделена во 1949 година. Тогаш добитник бил академик Блаже Конески.

Причината денес да проговорам со колумна е неврачувањето на наградата „Гоце Делчев“ на годинешните добитници. Наградата „Гоце Делчев“, највисокото општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката во Република Македонија, требаше, по двегодишно недоделување на наградата, конечно да биде врачена на 4 мај. Но тоа, сепак, не се случи. Дилемата дали ваквиот однос спрема наградата се должи на статусот на науката во Македонија, името на наградата, или е поврзано со нешто сосема трето, ќе остане за решавање во некои други (не)времиња… Појавата на квазинаучни трудови, трудови што се целосно плагијати, купени магистерски и докторски тези, сведочи дека во Македонија одамна се избришани мериторните правила според кои се цени објективниот квалитет. Долго време верував дека тоа што се случува во Македонија, особено во секторот образование и наука, е од неукост. Но денес не мислам така. Секторот образование и наука е системски, планирано и намерно уништуван со години. Сервилноста и желбата за владеење, политичкиот пазар, ароганцијата и алчноста, дополнета со незнаењето и неспособноста на политичарите, веќе неповратно доведоа до дно на дното, состојба од која враќањето назад е речиси невозможно. Решенија има, но не верувам дека тие ќе допрат до политичките врхушки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.