Министерството за образование и наука ќе прави измени во учебникот по социологија за втора година средно образование, кој предизвика лавина реакции во јавноста. Станува збор за содржина која ја дискриминира жената, односно тврди дека ако жената е затворена дома, таа нема можност да прави кривични дела.

Планот на Педагошката служба за ревизија на учебниците го содржи и овој учебник по социологија и до почетокот на учебната 2020/2021 година неговата содржина ќе биде соодветно измената,а по повторното печатење учебникот ќе биде дистрибуиран до училиштата, информираат надлежните во Министерството за образование и наука (МОН).

Оттаму додаваат дека МОН ја имало и ќе има потреба од поддршка и помош во процесот на унапредување на содржината на учебниците и тоа најмногу од оние кои секојдневно ги применуваат – наставниците и самите ученици.

Во таа насока, уште во 2017 година Министерството, односно Педагошката служба спроведе анкета помеѓу наставниците во основните и средните училишта со цел да достават сугестии, да укажат на забелешки од сите можни аспекти во врска со содржината на учебниците кои се одобрени и се применуваат во наставата, заради пристапување кон нивна корекција и ажурирање. За учебниците за кои добивме забелешки беше спроведен процес на корекција и повторно печатење во 2018 година, но меѓу нив не беше и учебникот кој денес е предмет на повеќе медиумски текстови, односно за истиот не беа доставени забелешки, појаснуваат оттаму.

Забелешки за овој учебник, велат, неодамна беа доставени од Бирото за развој на образованието, по барање на МОН за проверка на содржината на учебниците со цел осовременување на истата, особено на оние кои се користат во гимназиското образование (бидејќи се одобрени во периодот од 2001 до 2006 година). Затоа, најавуваат оттаму, тој ќе биде изменет.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.