Министерството за образование и наука апелира до наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата, со што ќе го спречат ширењето на болеста.

Од министерството посочуваат дека заедно со министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ги преземаат сите мерки, препораки, протоколи, алгоритми и бараат нивно целосно почитување од наставниците, учениците и родителите.

Протоколите за заштита од заразата докажано функционираат доколу сите се придржуваме на пропишаните мерки за заштита. Од целокупното одговорно однесување ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата – нагласуваат од МОН.

Од министерството информираат и дека наставата со учење од далечина успешно се спроведува и над 80 отсто од учениците ги следат часовите онлајн без никакви потешкотии.

За останатите ученици, кои немаат уреди или интернет-конекција, часовите се емитуваат на Македонската радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал.

Од МОН соопштуваат и дека се во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправи и тековно се работи на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн-наставата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.