Во процес на врачување се првите сто биометриски пасоши на Република Македонија, издадени преку Амбасадата во Лондон. Воспоставувањето на базна станица во амбасадата го поедностави и скрати процесот на три недели, информира Министерството за надворешни работи.
Овој е историски момент за конзуларната пракса во оваа амбасада. Нашите граѓани кои живеат и работат во Англија, Шкотска, Велс или Cеверна Ирска од сега можат да ги обноват своите пасоши на многу поедноставен, поефикасен и побрз начин. Ме радува што првичните впечатоци и реакции од сите кои ја посетија амбасадата изминативе четири недели се позитивни. Тој е најсилниот мотив и предизвик за тимот на амбасадата да продолжи и натаму да биде ефикасна служба во корист на граѓаните, изјави македонската амбасадорка во Лондон, Александра Миовска.
Од МНР информираат дека целта на проектот за воспоставување базни и мобилни станици во македонските дипломатски и конзуларни претставништва е исполнување на потребите на дијаспората, која со години наназад се жали за споро издавање на патни исправи.
Подобрувањето на услугите на нашите ДКП-а за дијаспората е висок приоритет на МНР, чија интенција е следниот период овој значителен проект да се прошири со поголем број ДКП-а, се вели во соопштението.
Претходно, постапката на стекнување со нова патна исправа за македонската дијаспора во Обединетото Кралство траеше четири до шест месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.