Во изминативе 24 часа, на дежурните телефони во МНР пријавени се неколку граѓани кои имаат свои роднини и/или пријатели во Авганистан, кои појавиле интерес за состојбите во Авганистан, за нашите активности, но притоа не е побарана асистенција за нивно извлекување, соопштија од МНР.

Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните Министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од Амбасадите и Конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Македонија.

Според последните сознанија, околу 100 наши граѓани се идентификувани дека се сѐ уште присутни во Авганистан, и сега за сега сите се наоѓаат на безбедни локации. Според последните информации кои ги добивме компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен.

 Министерството за надворешни работи будно ја следи состојбата во Авганистан, за што, како што информиравме, формирана е и посебна работна група во рамките на Министерството. Остануваме во постојан контакт и со амбасадите акредитирани во земјава, чии матични држави имаат логистичко присуство во Кабул, од каде постојано добиваме информации за состојбите на терен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.