Репортажата на Би-Би-Си, во која британската државна медиумска куќа пренесе сведоштво на Македонец од Егејска Македонија за повеќедецениската репресија, прогонувања и кршењето на нивните човекови права од страна на Грција, предизвика неподелени позитивни реакции во Македонија и бура од критики во Грција.
Но, репортажата сепак е во спротивност со неодамна објавените насоки на Министерството за надворешни работи, бидејќи во повеќе наврати, вклучително и во насловот на репортажата, Македонците се нарекуваат „Македонски Словени“.
„Грчкото невидливо малцинство – Македонските Словени“, гласи насловот под кој Би-Би-Си го објави сведоштвото на постар Македонец од Егејска Македонија за ликвидациите и прогонувањето на Македонците и забранувањето на македонскиот јазикот и македонските песни. Во самиот текст Македонците наизменично се нарекуваат Македонци и „Македонски Словени“.
Изразот „Македонски Словени“ кој повремено се користи во Грција покрај изразите како „славофоно малцинство“, е во спротивност со насоките што ги објави Министерството за надворешни работи, во кои се инсистира дека за изразување на етничката и културолошката особеност на Македонците ќе се користи единствено изразот Македонци, а никако други имиња изведени од името „Македонија“ како Северномакедонци.
„Република“ стапи во контакт со МНР од каде информираат дека се во тек со информирање на поголемите светски медиуми за насоките за тоа како треба да се известува во согласност со Преспанскиот договор.
Министерството за надворешни работи изготви медиумски упатства кои произлегуваат од Преспанскиот договор. Процесот на информирање на поголемите интернационални медиуми за истите е во тек. Ова е комплексен процес и ќе трае подолг период, изјавија од МНР за Република.
И Министерството за надворешни работи на Грција, каде деновиве беснее жестока расправија поради репортажата на Би-Би-Си и поради претставувањето на потресните детали за прогонот на Македонците во Егејска Македонија, изготви свои насоки за користење на името „Македонија“, но останува нејасно дали Грција ќе се согласи со тоа Македонците да бидат нарекувани Македонци во светските медиуми. Повеќе грчки коментатори викендов побараа за Македонците како народ да се користи долгата форма за националноста што беше утврдена со Преспанскиот договор – „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“.
Во македонското упатство се вели дека придавката „македонски“ мора да се користи во врска со етничкиот и културен идиентитет на народот, јазик, историјата, културата, територијата и другите „наши“ атрибути. Во упаството се инсистира дека не смеат да се користат „други придавки, вклучително и ‘Северно Македонски’, ‘Северен Македонски’, ‘С. Македонски’, ‘СеверноМакедонски’“. Од ова произлегува дека и изразот „Македонски Словени“ треба да биде надвор од употреба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.