Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и претседателката на граѓанското здружение „Заедница на Хрватите во Република Македонија“ Невенка Костовска потпишаа договор за донација со цел поддршка на активностите на Заедницата.
Како што соопшти МНР, согласно обврските кои произлегуваат од спогодбата за заштита на правата на националните малцинства од Македонија во Хрватска и хрватското малцинство во Македонија, потпишана во ноември 2007 година и за што е формирана меѓувладина мешовита комисија, двете држави се должни да преземат обврски за обезбедување на највисок степен на правна заштита, како и зачувување и развој на националните идентитети на малцинствата кои живеат во двете држави.
Износот од милион и двесте илјади денари Заедницата ќе го користи за финансирање на летното школо за учење на хрватски јазик, издавање на списанието „Хрватска ријеч“, како и за други активности кои како препорака произлегуваат од мешовитата меѓувладина комисија.
Со Хрватска имаме одлична соработка, а важен придонес во таквиот развој на односите даваат претставниците на нашите заедници и здруженија во двете држави, чии активности со денешното потпишување на договорот за донација го поддржуваме. Би сакал да потсетам, а и со тоа и се заблагодарам, на вредната материјална и институционална поддршка што нашите здруженија го добиваат од надлежните институции на Хрватска – нагласи Османи.
На средбата, Османи истакнал дека нашата држава има дефинирани високи стандарди за заштита и промоција на правата и интересите на помалите заедници и оти ќе продолжи да го поддржи слободното политичко и културно изразување.
Заблагодарувајќи се на донацијата, претседателката на заедницата на Хрвати Костовска нагласи дека врските и пријателството меѓу граѓаните на двете држави се искрени и длабоки, што го покажува и овој гест на Министерството за надворешни работи и Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.