Нова студија открива дека 59 отсто од Французите не гледаат со наклонетост кон пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ. Испитувањето, пред сè, открива растечка недоверба кон блокот како целина.

Преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Македонија не се почнати, со Црна Гора и Србија се во тек, додека Босна и Херцеговина и Косово се сметаат за потенцијални кандидати.

Иако сите овие земји се уште се на почеток на процесот за пристапување кон ЕУ, извештајот објавен од Фондацијата отворено општество, покажува дека повеќе од половината Французи се против проширувањето на ЕУ во овој регион.

Притоа, 49 отсто сметаат дека членството на Македонија и Црна Гора, на пример, би било лошо. За Македонија, 25 отсто од испитаните рекле дека нејзиното членство би било добро, додека 26 отсто се без мислење. За Србија негативно мислење имаат дури 60 отсто од Французите, за Босна и Херцеговина 58 отсто, Албанија 60 отсто и Косово 65 отсто.

Студијата исто така посочува дека Турција добива 76 отсто негативни мислења.

Балканот е малку жртвено јагне – оценува Себастијан Грикур, директор на опсерваторијата за Балканот на фондацијата „Жан Жорес“, кој учествуваше во оваа публикација.

Всушност, скоро секој четврти испитаник изјавил дека нивниот живот нема да биде многу под влијание, ако воопшто го зафати таквото проширување. Се чини дека негативниот став на Французите кон балканскиот регион на еден начин е поврзан со нивното мислење за европската институција како целина.

Рефлексот што го имаат Французите за проширувањето е всушност рефлекс што го имаат за Европската Унија – вели Себастијан Грикур.

Французите се меѓу Европејците кои имаат најмалку доверба во ЕУ.

Студијата покажува дека 62 отсто од оние кои се за членството на Балканот во Унијата имаат добар имиџ за ЕУ, додека повеќе од половината што не се согласуваат (55 отсто) имаат негативна слика. Тоа сугерира дека француското непријателство не е насочено против Балканот, туку повеќе против институцијата.

Извештајот покажува дека кога им била прикажана мапата на Европа со актуелните земји-членки, „многу учесници биле изненадени што земјите од Западен Балкан веќе не се дел од ЕУ.

Официјален Париз инсистираше да не се дава зелено светло на официјалните преговори за членство во ЕУ со Албанија и македонија. Француската влада особено се спротивстави на членството на Албанија, што имаше последици и врз Македонија, а сега доведе и до бугарската блокада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.