Оглас за вработување на 15 нови државни службеници на определено време распиша Министерството за образование, а како што е наведено се вработуваат административци поради зголемен обем на работата во министерството.

Станува збор за 15 извршители на позициите, Помлад соработник за училишен спорт, помлад соработник за утврдување на методологија за распределба на дотации во средното образование и за организација, помлад соработник за прашања од ученичкиот стандард, помлад соработник за еквиваленција и нострификација, помлад соработник за меѓународна соработка и програми, помлад соработник за поддршка на јавни набавки, помлад соработник за имотно-правни и административни работи, помлад соработник за програмирање, мониторинг и евалуација на ИПА, помлад соработник за анализа на податоци за учебници по еден извршител, додека на позициите помлад соработник за прашања од студентски стандард, помлад соработник за стипендии од прв, втор и трет циклус на студии, помлад соработник за оперативна поддршка на стратешко планирање се вработуваат по двајца извршители.

Нето платите за сите позиции се исти и изнесуваар 20.965 денари, а договорите на овие лица ќе им траат до крајот на оваа година.
Ова не е прв оглас, во декември месец минатата година, МОН објави оглас за вработување на дури 9 државни службеници, на различни позиции, но многу повисоки од денешниот оглас, а платите се разбира беа многу повисоки, односно највисоката изнесува 38.689 денари на позицијата државен советник за образовни политики.

По се изгледа дека наместо министерката Мила Царовска да започне со процесот на реформи и да обезбеди соодветен образовен процес за секое дете имајќи во предвид дека стартот на учебната година започна со еден месец закаснување, како и дека над 40.000 деца ги немаат потребните услови за онлајн настава, решила да го партизира и ова министерство преку вработување на партиски активисти.

Или министерката Царовска ги нема слушнато изјавите на премиерот Зоран Заев дека планира да ја намалува државната и јавна администрација, а со тоа ќе ја прави поуслужба за граѓаните, или пак премиерот Заев кажа уште една лага, во низата лаги искажани изминатите 4 години, и наместо администрација во служба на граѓаните, ќе имаме целосна партизирана и непрофесионална администрација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.