Просечната возраст на кандидатите за пратеници на претстојните парламентарни избори е 42,54 години. Партијата со најмлади кандидати има просечна возраст од 32,3 години, додека највисоката просечна возраст кај една партија е 53,2 години. Најмладите кандидати на овие избори имаат 18 години, додека највозрасниот кандидат 87 години.
Ова се дел од наодите на истражување на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) за позицијата на младите на парламентарните избори 2020, ија цел е, како што се посочува, да обезбеди информации и поттикне дискусија за тоа како младите, како една од маргинализираните групи во општеството, се претставени на листите и програмите на политичките партии.
Според истражувањето, дури и кога младите се претставени на листите, првите позиции со најголема веројатност за пратеничко место, се помалку достапни за нив. Според кандидатските листи, кандидатите на првите пет позиции се 2,6 години постари од остатокот од кандидатите. Изборната единица со најмлади кандидати во просек е И.Е. 6 со 40,6 години, додека највисока просечна возраст има во И.Е. 1 со 44,7 години.
Гледајќи ја, пак, застапеноста на младите кај политичките партии со кандидатски листи во сите шест изборни единици, политичката партија со најмногу млади има 38 млади лица од 120 кандидати, додека само три партии одвоиле над 30 позиции за млади кандидати од своите 120. Процентот на застапеност на млади лица на возраст од 18 – 29 години на листите се движи од 35% кај партијата со најмногу млади кандидати, до 1,7% кај партијата што има најмал број, посочуваат резултатите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.