Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи денеска се сретна со претставници од повеќе здруженија, и тоа од Здружението на слепи, Здружението на глуви и наглуви и Здружението на телесни инвалиди „Мобилност”. Како што соопштија од Министерството, целта на средбата беше запознавање на проблемите коишто ги имаат овие целни групи како најранливи во општеството.

Тие ги истакнаа проблемите со кои се соочуваат пред сѐ ограничувањето на додатокот за попреченост со годините. Велат дека инвалидитетот не прашува доба, тој најчесто е траен и со текот на годините се влошува, а не се подобрува. Додека пак за деинституционализација без пристапност не може ни да се зборува, а не да се применува.

Во оваа насока, активно ќе се заложам за системско решавање на пристапноста заедно со сите надлежни институции. Нашата цел со Министерството мора да биде изнаоѓање системски решенија за унапредување на социјалната сигурност за оваа група сограѓани во Македонија. Неопходно е да им се овозможи на овие лица активно да учествуваат на пазарот на труд и да придонесат во општеството. Потребно е за лицата со телесен инвалидитет да има бенефициран стаж, затоа што инвалидитетот го зема данокот со годините, порача Мизрахи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.