Го поздравуваме писмото кое го испрати претседателот на државата до патријархот Вартоломеј и добро е што државниот врв се интересира да се реши спорот со црковното прашање, вели за „ТВ24“ митрополитот Дебарско-кичевски и портпарол на МПЦ, отец Тимотеј, кој не гледа на овој потег како мешање на државата во црковните работи.

На прашањето дали Пендаровски претходно бил на координација со претставници во Македонската православна црква, Тимотеј одговори:

Jaс лично не сум имал средба и мислам дека немало таква официјална средба. Но, е за поздравување тоа писмо затоа што вселенскиот Патријарх има таква надлежност, признавање на МПЦ во православниот свет.

Во контекст на политичката клима и најновите провокации со меморандумот од Бугарија, Тимотеј оценува дека ова писмо не значи прескокнување на Бугарската православна црква, ниту реакција на меморандумот во кој се задира во македонскиот идентитет и јазик.

Пред три години Светиот синод на МПЦ испрати писмо до БПЦ во кое побара од неа да воспостави „евхаристиско единство со возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква“. Или накусо, МПЦ бараше од Бугарската православна црква да ја признае нашата како мајка-црква која прва ја прифаќа и застапува нејзината автокефалност и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и другите цркви.

Отец Тимотеј за „ТВ24′ потврдува дека односите со бугарската црква не се одвиваат на исто интензивно ниво како претходно.

Во однос на Бугарија, со овој политички контекст и последното писмо на Пендаровски можам да кажам дека никоја не е потценет ниту запоставен. Не можам да ја коментирам релацијата со Бугарија, ние немаме интензивна комуникација, но сметам дека стои и ја поддржува се уште МПЦ, надвор од сите политички случувања. И корона кризата си го направи своето, сепак таква комуникација не може да се одвива телефонски – вели Тимотеј за „ТВ24“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.