Во гостување во дебатната емисија „Што не е јасно?“ на ТВ „Алфа“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, потенцираше дека Република Македонија е предводена од криминална власт којашто нема ниту срам, ниту, пак, ја интересира што мислат граѓаните за нејзината работа.

Мисајловски истакна дека наместо државата да се пофали и да се гордее со државни успеси, нашата земја се фали со издавање пасоши на најголемите криминалци од целиот свет.

Реалноста е дека државата ја водат мафијаши, криминалци и рекетари. Република Македонија во изминатите неколку години е рекордер по бројот на скандали и криминални афери. Скандалите не се случуваат на неколку месеци, па нешто да се подзаборави, туку буквално секој ден. Секој ден – нов скандал. Во рок од две до три години сведочевме на десетина големи криминални афери, за кои никој ниту одговараше, ниту пак некој од власта ги спомнува. Еве, пред десетина дена дознавме и дека криминалци и убијци од целиот свет, добивале македонски пасоши и престојувале во државата без никој да им направи проблем. На тоа ниво е македонската безбедност – изјави Мисајловски.

Како што вели Мисјаловски, аферите со издавањето пасоши и со десетиците илјади двојни матични броеви појаснуваат како васта вршела манипулации со резултатите на изборите.

На изминатите парламентарни избори, моменталната власт имаше околу 12.000 гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Јасно беше и тогаш дека постојат уцени, закани и поткуп, за што имавме прилика сите да видиме преку фотографии и видеа. Но, сега гледаме како биле издадени документи со над 20.000 двојни матични броеви. Дали СДСМ ги користеле за изминатите избори и дали некои луѓе гласале по два пати, треба да истражи ОЈО – истакна Мисајловски.

Тој порача дека е жално и трагично што државата спаднала на тоа ниво, странски безбедносни структури да апсат припадници на МВР поради криминал, да запленуваат огромни количини на дрога кои биле шверцувани од високи функционери и уште многу случаи кои го нарушуваат угледот на државата.

За сето ова ќе мора да има одговорност, бидејќи ова не е срам само за Зоран Заев и неговите соработници од власта, туку ова е срам за целата нација – порача Мисајловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.