Тезите изнесени во вчерашното интервју на премиерот Заев за бугарската новинска агенција може да значат подготовка за ново откажување, нов непринципиелен договор на штета на македонската држава и народ. Со тоа интервју не само што се згазени, туку се и избришани македонските црвени линии, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.

Овие изјави на Заев дека Скопје, Куманово и Крива Паланка биле ослободени од Бугарите, освен тоа што со потсмев се земени од медиумите во регионот преставуваат грубо извртување на историските вистини. Тезата за постоење на администрација, а не окупатор преставува и газење кон жртвата на партизаните и антифашистичката основа врз која почива македонската држава. Со ваквата изјава Заев од Скопје од позиција на македонски премиер се откажа од антифашистичката борба од Стив Наумов, Кузман Јосифовски Питу, Методија Андонов-Ченто, Михајло Апостолски, Страшо Пинџур. 25 илјади семејства пострадаа во Втората светска војна, сега за Заев тоа е неважно со што директно ги навредува, потсети Мисајловски.

Мисајловски ги повика, како што рече, сите искрени и чесни социјалдемократи кои не се согласуваат со овие изјави на Заев, на политичка борба за заштита на националните интереси на Македонија. Ги повика и првоборците и нивните поколенија да не дозволат нивната и жртвата на нивните семејства да биде попуста.

Јавно го повикуваме Заев да се повлече од неговите штетни изјави и да се извини поради негаторскиот однос кон нашите херои. Да внимава за што и како разговара и преговара. Ова за што сега Заев разговара се последните бастиони врз кој почива нашиот идентитет. Да престане да се додворува на бугарските политичари и да започне да ги штити интересите на народот чиј што премиер е.

Мисајловски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ денеска организира натпартиски протест. Протестот ќе почне во 18 часот пред СРЦ „Борис Трајковски“, а ќе заврши пред Владата.

Да не дозволиме Заев да ги погази македонските црвени линии. Да излеземе сега пред да биде предоцна! Политиката на свиткана кичма е политика осудена на пропаст. Народот и граѓаните нема да дозволат ново продавање на интересите на државата. Затоа пред да биде предоцна, да излеземе и кренеме глас! Повикуваме на над партиски протест. Не е важно кој за која партија е, тука сме сите за Македонија. Сега пред да биде предоцна.  Сите за Македонија!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.