Поранешната судијка во Судот во Стразбур, Мирјана Трајковска ги коментира последните случувања на релација Обвинителство-судство по повод пуштањето во притвор на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и острата реакција на обвинтелката за организиран криминал Вилма Рускоска.

Според Трајковска, закана од било која страна во постапка пред суд е неприфатлива и посега по независноста на судството. Независноста на судството, според неа, е голем предизвик и сложен проблем кај нас, па затоа ова прашање е постојано предмет на продлабочен стручен и поширок јавен интерес, а за пример посочува на осум пресуди на ЕСЧП, последните годишни извештаи на ЕК за напредокот на земјата и Извештаите на Прибе.

Независноста на судството е еден од темелните принципи на остварувањето и заштитата на човековите права и слободи и, врз таа основа, на правната држава. Уставите на демократските општества ја гарантираат независноста на судството на различни начини. Гаранциите се во насока на обезбедување законски, економски, образовни и професионални услови судиите, да можат да ја извршуват својата судиска функција без притисок од извршната власт, од странките или од други заинтересирани поединци или групи, вклучувајќи ги претставниците на обвинителството. И покрај бројните критики, судството во Република Македонија остана главно пасивно, па и понатаму недостасува видливост на определеноста на судството за соочување и справување со критиките во врска со притисоците и влијанијата, кои доаѓаат од различни извори (како што е последниот пример), а не само од јавноста. Оттаму, не е прифатливо заканување по судиите поради донесена конкретна одлука. Обвинителството е една од страните во судските постапки и има на располагање правни лекови и таму треба да ги образлага своите наводи, истакнува Лазарова Трајковска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.