Објектот на поранешната болница „Мала Богородица“ е во финална фаза на опремување и адаптирање во ковид-центар и секој момент очекува да ги прими првите пациенти. Ваков чекор беше преземен по прогласувањето на кризната состојба, а на иницијатива на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче по што беше одржана средба со претставници на трите приватни клиники во земјава.

На разговорите кои се одржаа беше прифатен предлогот на „Аџибадем Систина“ токму објектот на поранешната болница „Мала Богородица“ да се користи како нов ковид-центар. По постигнатиот устен договор од министерот за здравство, „Аџибадем Систина“ веднаш почна да го опремува овој капацитет и да го адаптира објектот во ковид-центар, на сопствен трошок, соопштуваат за Фактор од „Аџибадем Систина“.

Се очекува Министерството за здравство да издаде дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар. Според договореното на средбите, Министерството за здравство ќе координира која од приватните болници како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет (кој е десеткратно поголем од ветениот надомест од ФЗОМ).

Се очекува издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите. Го очекуваме договорениот предлог на Министерството кои се двајцата доктори кои медицински ќе управуваат со овој ковид-центар и финално се очекува Фондот за здравствено осигурување да го понуди договорот за соработка, потенцираат за „Фактор“ од „Аџибадем Систина“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.