Сосема погрешно е да се зборува за „спојување“ на наставни предмети без при тоа да се знае современиот пристап во педагогијата, воопшто во стратегиите, методите на работа во наставата, во училиштата, велат од министерството за образование на барањата на групата „Учебници и настава мора да има“.
Оттаму велат дека ниту се „спојуваат“ механички предмети ниту се прави некаква компилација или неприроден спој што е несоодветен за изучување, туку напротив, се прави интегрирање на сродни предмети, од иста или сродна научна област за да се овозможи полесно, посуштинско изучување на појавите и поврзување, добивање на целосна претстава кај учениците за она што го изучуваат.
Интеграцијата и до сега беше составен дел на наставата во првиот и вториот период на основното образование, сега само продолжува и во третиот период на основното образование. Но и до сега во предметна настава им беше сугерирано на наставниците да прават меѓупредметно поврзување и така да ја планираат и реализираат наставата.
За да се потврди дека интеграцијата е основата на секој образовен систем доволно е да се погледнат искуствата од сите земји и во Европа и во Светот. Меѓународните тестирања се базираат на прашања, поточно проблемските задачи кои бараат одговори од повеќе аспекти и поврзување на знаењата од една или повеќе области, поврзување на знаењата од различни предмети во обид да се „соберат“, односно синтетизираат различни перспективи за предметот/појавата на изучување. На тој начин се овозможува учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и применливи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.