Термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, кратенката „ПЈРМ“, во преведена или непреведена форма, не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација од никого. Ова го пишува во решението на Министерството за правда потпишано од министерот Бојан Маричиќ против регистрацијата на една невладина организација што во името го има зборот Македонија.

Барањето да го содржи зборот Македонија во називот на здружението се одбива како неосновано, се вели во решението од ноември 2020 година.

Здружението ова барање го поднело согласно со член 9 од Законот за здруженија и фондации според кој „зборот Македонија и зборовите изведени од него, како и неговите кратенки можат да се содржани во името и организацијата само со одобрение на Министерството за правда“.

Но Министерството смета дека согласно со амандманите во Уставот, 33, 34, 35, 36 и Уставниот закон од 12 февруари 2019 година со нивното влегување во сила, уставното име на нашата држава е Република Македонија, а краткото име Македонија, па нема како здруженијата во своето име да го содржат името Македонија. Овие измени во Уставот беа резултат на потпишаниот Преспански договор.

Интересно е тоа што во Преспанскиот договор нема член во кој се забранува употребата на зборот Македонија во институции што не се финансираат од државата, од буџетот.

Во член 1 од овој договор пишува дека термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето според членот 7 од договорот, а тоа значи дека и Македонија и Грција можат да го употребуваат зборот Македонија, ама се знае што значи тоа кај првата, а што значи кај втората страна. „Страните признаваат дека нивното сфаќање за термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Кога се однесуваат на Првата страна (Грција-н.з.), овие термини не ги означуваат само областа и луѓето од северниот регион на Првата страна, туку и нивните особини, како и хеленската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денешен ден. Кога се однесуваат на Втората страна (Македонија – н.з.), овие термини ги означуваат нејзината територија, јазик, луѓе и нивните особини, со нивната историја, култура и наследство.

Против ова решение нерегистрираното здружение поднесе тужба до Управниот суд. Во тужбата меѓу другото се вели дека во конкретниот случај не се работи за државен орган, а ниту за внатрешна или меѓународна комуникација.

По оваа логика, Министерството за правда набрзо ќе мора да поведе постапка за пререгистрација на партиите Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Обединети за Македонија…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.