На барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ заради дополнителни консултации, само што почна со работа и го утврди дневниот ред, Комисијата за прашањата на изборите и именувањата е на пауза. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека оваа комисија не може да дава предлози за персонален состав на другите собраниски комисии, што е прва точка на дневниот ред, бидејќи Собранието претходно на парламентарна седница не донело одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите. Ставањето на Комисијата над Собранието, порачаа, е кршење на Деловникот за неговата работа.

Ексклузивно право за основање, број и надлежности на постојани работни тела има само Собранието преку парламентарна седница. Не може без донесена одлука на Собранието за бројот на комисии односно работни тела, за нивните надлежности и бројот на членови на овие работни тела, која било друга комисија да нуди предлози за нивно пополнување – рече пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на член 118 од Деловникот за работа на Собранието.

Собраниското мнозинство 40 дена, рече, не успеало оваа едноставна и многукратно претходно донесувана одлука, само да ја повтори. Тоа, потенцира Милошоски, мора да се направи бидејќи таков е редоследот на работите.

Ниту еден претходен претседател на Собранието, вклучително и актуелниот кој ја имаше истата позиција и претходно, не направи преседан да ја стави Комисијата за избори и именувања на повисок ранг од самото Собрание како пленарна седница., ниту пак претседателите на оваа комисија, а се менувале многу во текот на годините, не си зеле за право без донесена одлука за формирање на постојните работни тела и нивната надлежност да заседаваат и да му предлагаат на Собранието членови за неформираните комисии – рече пратеникот Милошоски.

Тој апелираше денеска во текот на денешниот ден координаторите на пратеничките групи да ја предложат и потпишат одлуката за основање работни тела на Собранието и да ја достават до претседателот на Собранието. Денеска во куполната сала, рече, може да се одржи кратка седница за основање на телата, и кога тоа ќе биде направено заседанието на Собранието и парламентарниот спикер ќе дадат задолжение до Комисијата да даде предлози за пополнување на собраниските тела.

Комисијата го утврди предложениот дневен ред откако не ги усвои бањата на опозициските пратеници точката за персоналниот состав на комисиите да биде симната од него, или од прва да биде преместена како петта точка. По ова заради дополнителни консултации со пратеничката група и коалициските пратеници, членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ побараа пауза.

На дневен ред на оваа седница на Комисијата е Утврдувањето предлог – одлука за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија, како и разгледување на барањата за остварување плата по престанок на функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија, барањата за остварување на плата по престанок на функцијата член на Владата на Република Македонија и на други избрани/именувани лица од Собранието на Република Македонија и барањето за остварување на отпремнина при заминување во пензија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.