Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во гостување на радио „Лидер“ го коментираше одбивањето од страна на САД, Љубомир Фрчковски да стане амбасадор во Вашингтон.
Како што истакна Милошоски, таквата американска одлука претставува шамар за македонската дипломатија.
Без разлика дали станува збор за амбасадор или слично треба да се одбере најквалитетниот кадар во моментов. Тука би се осврнал и на дипломатијата, во изминатиов период, би го искоментирал и тој актуелен случај кој што не е врзан со квоти, повеќе би рекол дека е врзан со политика, но не дава добар пример за Македонија, а тоа беше примерот со номинацијата на Фрчковски за амбасадор во Вашингтон – истакна Милошоски.
Тој додаде дека МНР и Владата доживеаа прво да нема три години амбасадор во Вашингтон, што само по себе е голем пропуст за Македонија во најважното дипломатско место да немаш амбасадор. И второ, номинираат за амбасадор човек за којшто кратко време по номинацијата стигнува вербална порака по дипломатски канали од Вашингтон дека истиот го сметаат за неподобен за амбасадор.
Информацијата јас ја добив од дипломатски извори, коишто се ангажирани во македонската дипломатија, а коишто споделија едно такво сознание. Добронамерна сугестија стигнала од високи дипломатски кругови во Вашингтон кои сметаат дека г. Љубомир Фрчковски не е соодветен, не е подобен да биде амбасадор во САД. И сметам дека е тоа голем сигнал, за жал и голема бламажа за Владата и македонската дипломатија. И мислам дека Владата не смеела да си дозволи да оди со таква номинација, пред истата да ја провери – вели Милошоски.
Милошоски посочи дека има разлика помеѓу зборовите и делата на секој кандидат за амбасадор или дипломат. Посериозни држави како САД имаат подолга архивска меморија што се случуваше кога беа санкциите против Србија, што се случуваше со шверцови на нафта, фри шопови и сл. Што се случуваше по однос на загрозување на правата на луѓето со следење и прислушкување, потпишување на лични наредби за такви случаи, се тоа знае и памети во САД.
Најчесто државите коишто треба да бидат домаќини на некој кандидат за амбасадор пред да дадат агреман проверуваат две клучни работи, а тоа е дали зад кандидатот за амбасадор постојат некакви безбедносни афери, условно кажано, соработка со служби коишто се пријателски кон нив, вакви некои безбедносни афери кои што се однесувале на оваа споменатата со атентатот на покојниот Киро Глигоров и сл. И ги истражуваат исто така и можните коруптивни афери – нагласи Милошоски.
Тој посочи дека семејството на Фрчковски било многу ангажирано во одбрана на Катрица Јанева за коруптивен скандал кој што ја потресе Македонија.
Фрчковски не би бил ниту подобен за ОН. Зошто? Затоа што во ОН имате пет постојани земји членки на Советот за безбедност. А, тоа се САД, Кина, Русија, Франција и Велика Британија. И ако САД кажале „НЕ“ за Фрчковски, дека тој за нив е неподобен, тогаш и во ОН, таков амбасадор не би бил употреблив – истакнува Милошоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.